МЕЃУНАРОДЕН МАРКЕТИНГ СЕМИНАР ЗА АКТЕРИ

МЕЃУНАРОДЕН МАРКЕТИНГ СЕМИНАР ЗА АКТЕРИ

ноември 17, 2017
во Категорија: 17.11. (петок), cinedays2017, Придружна Програма
1822 0
МЕЃУНАРОДЕН МАРКЕТИНГ СЕМИНАР ЗА АКТЕРИ
17. 11. | 19:00 | МКЦ

АНИЛА ГАЈЕВИЌ

Анила Гајевиќ е родена 1979 г. во Сараево, каде што дипломира Босански јазик и литература на Филозофскиот факултет. Од 1998 г. работи како новинар и уредник за култура во водечките босански медиуми како Федерална телевизија и дневниот весник „Дневни аваз“. Исто така има работено и како главен уредник на списанието „Глобал“. Во тој период има добиено голем број награди за новинарство и за литература. Ја има објавено збирката поезија „Бивша“ во 2003 г. Во 2008 г. ја основа „Зона“, првата кастинг агенција за таленти во Босна и Херцеговина, која денес е прерасната во многу почитувана агенција во целиот регион на Источна Европа и пошироко. Нејзината агенција ги поврзува талентите од Балканот со кастинг директори, режисери и продуценти од целиот свет. За локални и регионални продукции, нејзината агенција исто така обезбедува услуги и за кастинг на статисти. Списанието за филм „Скрин Интернешнал“ минатата година ја има наведено како една од „Идните лидери“.

НЕНСИ БИШОП

Ненси Бишоп е американска кастинг директорка, која работи од Лондон и Прага. Има одбрано таленти за споредни улоги за стотина проекти, меѓу кои и: „Невозможна мисија 4“, „Борновиот идентитет“ и „Ледокршач“. Неодамна работеше и на „Офелија“, со Наоми Вотс, Клајв Овен и Дејзи Ридли во главните улоги. Исто така има работено и со Метју Вајнер („Момците од Менхетн“) на неговата нова серија „Романови“. Основач е на актерската програма за филм на Прашката филмска школа и е автор на две книги, од кои втората е насловена како „Аудиција за филм и телевизија“. Таа е основач и раководител на лондонскиот огранок на Американското здружение за кастинг и членка на Академијата Еми, Европската филмска академија и Британската академија за филм.

Предавачи: Ненси Бишоп, од Американското здружение за кастинг, и Анила Гајевиќ, директор на Агенцијата за таленти „Зона“.
Во овој уникатен семинар актерите ќе имаат можност да научат како да се постават себеси на меѓународниот пазар и да стекнат значајни контакти за работа.
Придружете им се на Ненси Бишоп и Анила Гајевиќ на бесплатното предавање на англиски јазик. Семинарот своето внимание ќе го насочи кон стратегии како актерите да се промовираат себеси и да обезбедат работа на меѓународниот пазар. Ќе бидат опфатени темите: како најдобро да се искористи интернетот за маркетинг, да се изработи професионално CV, да се одбере најдобра фотографија, да се изработи ефективно кусо видеопретставување на актерот, самостојно да се снимат аудиции за испраќање на продуцентски куќи и како најдобро да се користат социјалните медиуми. Ненси Бишоп, меѓународна кастинг директорка, која работи во Прага и Лондон, ќе го објасни бизнисот од гледна точка на кастинг директорот, а Анила Гајевиќ ќе го објасни бизнисот како водечки агент во регионот на Балканот. По предавањето ќе следи потпишување на бестселерот на Ненси, книгата „Аудиција за филм и телевизија“ (Блумсбери) и сите собрани средства од продадените книги ќе одат во добротворна организација, која помага на бегалци во Кале: https://helprefugees.org.uk.